Стечајниот управник на Еуростандард банка, Душко Тодевски, информира дека сите физички и правни лица, во согласност со Законот за банките, побарувањата по основ на депозит, кои ги имаат од Еуростандард банка АД Скопје во стечај, без оглед на износот, треба да ги сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во банката и тие немаат обврска за нивно пријавување во согласност со член 162 од Законот за банките.
Под побарување по основ на депозит се подразбираат: денарските и девизните депозити, сертификатите за депозит, парични средства на трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички, девизни приливи на физичките лица, како и паричните средства на жиро-сметка за правни лица.
При обесштетување на депозитите на физичките лица поединечните депозити на едно лице се сметаат за единствен депозит. Во согласност со Законот за Фондот за осигурување на депозитите, во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот, кои се предмет на обесштетување како единствен депозит, се намалува за износот на неговите обврски кон банката (на пример, кредити, искористен лимит од картичка, даден залог на депозит, провизии и сл.).
Истовремено, се известуваат сите физички и правни лица, кои имаат побарувања од банката, кои не се по основ на депозит, дека треба да ги пријават како побарувања од стечајната маса по писмен пат до стечајниот управник во согласност со објавата во „Службен весник“ бр. 203/2020, односно до 7 септември.
Вакви побарувања се: побарувања по основ на извршени усуги или доставени производи до банката, платени аванси по разни основи, фактури, повеќе платени надоместоци за услуги што не се искористени или се користени помал период од оној наведен во договорот (на пример, платен надоместок за користење сеф во текот на една година, а сефот се користел пократок период и други побарувања што произлегуваат од облигационо-правен однос со банката).
За да ги пријават побарувањата, потребно е најдоцна до датумот определен во објавата да се достави писмена пријава по пошта до стечајниот управник на следната адреса: ул. Владимир Комаров бр. 40/8, Скопје, објавена во огласот. Кон пријавата потребно е да се достават писмени докази за побарувањето.
Во пријавата доверителите се должни да наведат:
1) назив, седиште, единствен матичен број и единствен даночен број на правните лица, име и презиме, адреса и единствен матичен број за физичките лица;
2) назив на носителот на платен промет кај кој доверителот има сметка и број на сметката;
3) правниот основ на побарувањето;
4) износ на побарувањето, и тоа посебно износ на главното побарување со пресметана камата до денот на отворање на стечајната постапка и
5) одредено барање на доверителот во согласност со одредбите од Законот за парничната постапка за содржина на тужба.
Во однос на начинот на намирување на обврските што физичките и правните лица ги имааат кон банката по кој било основ, на клиентите во наредниот период ќе им се јави овластено лице од банката.
Во врска со примопредавањето на предметите/стварите што се во граѓанските сефови на Еуростандард банка АД Скопје во стечај, на клиентите ќе им се јави во текот на следните дваесет дена овластено лице од банката за терминот кога имателот на сеф ќе биде потребно да дојде во просториите на банката за отворање на сефот и подигнување на предметите. Притоа имателот на сеф ќе биде потребно да дојде лично, да се идендификува со важечки документ за лична идентификација и со клуч од сефот. Сефот не може да се отвори без присуство на клиентот што го користел.